Ова ќе бидат први директни преговори меѓу Русија и Украина од 2022 година, иницирани од рускиот претседател Владимир Путин како одговор на зголемените барања на Западот Русија да се согласи на 30-дневен прекин на огнот како чекор кон траен мир.
Од американска страна се очекува присуството на државниот секретар Марко Рубио и специјалните пратеници Стив Виткоф и Кит Келог, што е прв знак за одреден напредок по неделите во кои се чинеше дека преговорите се во застој, посочува весникот.
Понудата на Путин за преговори беше веднаш поддржана од американскиот претседател Доналд Трамп, но европските претставници и аналитичари изразуваат сомнеж, верувајќи дека тоа би можело да биде „типичен маневар на Кремљ за да се купи време и да се спречи решавање на конфликтот“.
„Ќе направиме сè за овој состанок да биде успешен. Ако Путин навистина е подготвен да се сретне не само во медиумите, туку и во реалниот живот, тогаш ќе направиме сè за да се договориме за прекин на огнот“, рече Зеленски, нагласувајќи ја важноста од директните преговори со Путин, кој ја има моќта да одлучи за прекин на огнот. Путин понуди директни преговори со Украина во Турција, и покрај тврдењата на руските аналитичари дека преговорите со Киев се невозможни поради наводниот недостаток на легитимитет на Зеленски.
Критичарите, вклучително и високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија Каја Калас тврдат дека Русија само „одложува“ и не бара вистински мир.
Понудата на Путин за преговори привремено го одложи притисокот за 30-дневен прекин на огнот од страна на Западот и го наруши трансатлантското единство, кое првично поддржуваше барање за безусловен прекин на огнот, со поддршка на Трамп.
Како одговор, европските лидери го суспендираа наметнувањето на нови санкции, но предупредија дека понатамошните преговори мора да донесат вистински напредок, или ќе бидат поддржани построги санкции.
Зеленски најави дека ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и изрази подготвеност да отпатува во Истанбул доколку Путин одлучи да дојде.