Шокантното заминување на Лео Варадкар, кој во 2017 година стана првиот геј премиер во некогаш цврсто католичката земја и се врати на функцијата пред само 15 месеци, не значи автоматско одржување парламентарни избори, наведе Ројтерс.
„Моите причини за повлекување се и лични и политички“, рече видно емотивниот 45-годишен Варадкар на прес-конференција во Даблин. „Сепак, по внимателно разгледување, преиспитување, верувам дека новиот премиер и новиот лидер подобро од мене ќе го постигне реизборот на коалициската влада“.
Владата на Варадкар надгледуваше силно економско закрепнување од пандемијата, но се бореше да се справи со децениската станбена криза, како и притисокот од рекордниот број баратели на азил и украинските бегалци.
Неговиот наследник ќе има 12 месеци да се обиде да направи пресврт во заостанувањето што неговата партија Фине Гаел го има според анкетите во однос на главната опозициска партија Шин Фејн.
Под негово водство, Ирска гласаше за укинување на забраната за абортус и легализирање на истополовите бракови.
Сепак, тој претрпе понижувачки пораз овој месец кога големо мнозинство гласачи ги отфрлија предлозите за измена на уставните референци за „должностите на мајките во домот“.
Водачите на коалициските партнери на Варадкар рекоа дека биле изненадени кога тој им ја претставил својата одлука на редовниот состанок во вторникот.
Варадкар рече дека е вистинско време да ја напушти функцијата. „Научив толку многу за толку многу работи, запознав многу луѓе што никогаш не би ги сретнал, бев на места што никогаш не би ги видел дома или во странство. Длабоко сум благодарен за тоа – и покрај сите предизвици, од се срце препорачувам кариера во политиката на секој што размислува за тоа. Сепак, политичарите се луѓе и ние имаме свои ограничувања. Даваме сè од себе, додека не можеме повеќе. А потоа мораме да продолжиме понатаму“, рече Варадкар, додавајќи дека засега нема никакви конкретни или лични планови.






