вторник, 31 март 2026

Утре во Брисел три самити за руската инвазија во Украина и дополнителни мерки кон Москва

Објавено на

часот

Сподели

Утре изутрина лидерите на 30-те земји членки на Северноатлантската договорна алијанса ќе се соберат во седиштето на НАТО во Брисел на вонреден самит. Утре попладне почнува дводневниот редовен пролетен самит на Алијансата, на кој беше поканет и американскиот претседател Џо Бајден. На маргините на овие самити ќе се одржи и самит на Г7 составен од Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД.

На самитот на НАТО лидерите ќе разговараат за понатамошно зајакнување на одбраната на источното крило на Алијансата.

НАТО почна да распоредува дополнителни војници и опрема во своите источни членки во 2014 година по руската анексија на Крим, а сега тоа дополнително се забрзува по инвазијата на Украина. Од 2017 година, силите за одвраќање, борбените групи на НАТО од околу илјада војници од различни членки на Алијансата, се распоредени во трите балтички земји Естонија, Латвија и Литванија и во Полска.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан вчера изјави дека Западот ќе објави нови санкции против Русија и ќе ги зајакне постоечките. Тој додаде дека САД ќе работат со сојузниците на „долгорочно приспособување“ во врска со присуството на НАТО во источна Европа.

Саливан најави и дека Бајден ќе објави заеднички план за зајакнување на енергетската безбедност на Европа и намалување на нејзината зависност од рускиот гас.

„Во последните месеци Западот беше обединет. Претседателот оди во Европа за да се погрижи да остане така“, рече тој.

За САД и ЕУ е важна позицијата на Кина

Позицијата на Кина во контекст на нејзината евентуална економска и воена помош за Русија е особено важна за САД и Европската Унија. Џејк Саливан рече дека сѐ уште не е забележано дека Кина испраќа воена опрема во Русија, но дека САД ќе продолжат внимателно да следат за тоа да не се случи.

Евентуалната кинеска воена поддршка за Русија би значела нова димензија на војната и можно проширување на санкциите и кон неа.

За нешто повеќе од една недела, на 1 април, ќе се одржи виртуелен самит ЕУ-Кина, на кој се очекува 27-те членки на ЕУ да побараат од Пекинг да не ѝ помага на Русија воено или економски, на пример во избегнувањето на санкциите против руските банки.

Енергијата е главна тема на самитот на ЕУ

Енергијата се очекува да биде главна тема на самитот на ЕУ в четврток и петок, откако руската агресија врз Украина доведе до рекордно високи цени на енергијата, а главната пречка за воведување забрана за увоз на руска нафта и гас е огромната зависност на неколку земји-членки на ЕУ од руската енергија.

Лидерите на ЕУ на самитот треба да се договорат за заедничка набавка на гас, течен гас и водород за да ги направат земјите членки што е можно поподготвени за следната зима.

Комисијата денеска ќе предложи, а лидерите на ЕУ во своите заклучоци треба да го поддржат предлогот, воведување обврска за земјите-членки да ги полнат капацитетите за складирање гас најмалку 90 отсто пред следната зимска сезона и да воведат нова шема за сертификација за да се спречат странските оператори во манипулациите со складиштата на гас.

Ова ќе значи голем скок во увозот на гас од други добавувачи, како Катар и САД.

Ќе разговараат и за мерките за помош на жителите и на стопанството

Лидерите ќе разговараат и за можните мерки за помош на населението и економијата поради рекордно високите цени на енергијата, кои почнаа да растат пред руската инвазија, што доведе до тоа многу влади да воведат даночни олеснувања и субвенции, што ќе влијае и на нивните фискални позиции.

Некои земји-членки се залагаат за интервенција во пазарното одредување на цените на енергијата, со ограничување или раздвојување на врската помеѓу цените на гасот и електричната енергија. Друга група се противи на ова и решението го гледа во што поскоро воведување обновливи извори на енергија, кои би ги замениле фосилните горива, но проблемот е што тоа не може да се направи преку ноќ.

Група земји од централна и источна Европа сакаат да го ревидираат климатскиот пакет „Подготвени за 55“ и да ги намалат своите амбиции за зелена транзиција, бидејќи сметаат дека тоа врши дополнителен притисок врз растот на цените.

Намалување на брзината, работа од дома, поевтин превоз

Постојат и други идеи за ублажување на моменталната состојба со намалување на потрошувачката на енергија.

Меѓународната агенција за енергетика предложи план од 10 точки, за кој тврди дека може веднаш да ја намали побарувачката на нафта за 2,7 милиони барели дневно. Планот вклучува, меѓу другото, ограничување на брзината на автопатите, работа од дома три дена во неделата, поевтин јавен превоз, забрана за користење автомобили во недела.

На овој самит не треба да се очекува одлука за воведување енергетски санкции, односно забрана за увоз на енергенси од Русија. Се очекува лидерите во своите заклучоци да истакнат дека сакаат да ја намалат и да ја прекинат својата зависност од рускиот гас и да ја задолжат Комисијата да подготви амбициозен и сеопфатен план до крајот на мај.

Се очекува и лидерите да дадат политички насоки за подготовка на петтата рунда санкции против Русија, но не се очекува одлука за нови санкции. Лидерите треба да го поддржат формирањето фонд за солидарност за повоената реконструкција на Украина.

Стратегиски компас

Шефовите на држави или влади ќе го потврдат Стратегискиот компас, визија за развојот на одбраната на Унијата до крајот на оваа деценија, која предвидува сили за брз одговор со до 5.000 војници до 2025 година.

Во тој документ експлицитно се споменува и конститутивноста на народите во Босна и Херцеговина.

„Од посебен интерес е да се поддржат суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина врз основа на принципите на еднаквост и недискриминација на сите граѓани и конститутивни народи, во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина, како и реформскиот процес на нејзиниот европски пат“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ