Уставниот суд оцени дека оваа одредба ја нарушува слободата на претприемништво загарантирана со Уставот, како и уставниот принцип на еднаквост на сите пред законот, бидејќи на една група претприемачи, или трговци, им било дозволено да ги извршуваат своите активности во недела и на државни и други празници, додека на друга група истото ѝ било забрането.
„Со тоа што ѝ дозволува на една група претприемачи (аптеки, слаткарници, пекари, трафики, продавници за сувенири, цвеќарници, продавници за погребална опрема, продавници за производи за заштита на растенија, бензински пумпи, пазари итн.) да работат, а на друга не, законодавецот ја стави една група претприемачи во нееднаква положба во споредба со други. Таквата забрана нема објективно и разумно оправдување, од перспектива на уставната обврска на државата да обезбеди еднаква положба на пазарот за сите претприемачи“, се вели во соопштението на Уставниот суд на Црна Гора.
Се нагласува дека забраната за работа на продавниците во недела и на државни и други празници останува на сила до објавувањето на одлуката на Уставниот суд во Службен весник на Црна Гора. Уставниот суд на Црна Гора одлучи врз основа на иницијатива поднесена од Синдикатот на работодавачи на Црна Гора.
Црногорскиот парламент го усвои Законот за внатрешна трговија во јули 2019 година, кој предвидува дека трговијата на големо и мало не може да се врши во недела и на државни и други празници, а законот стапи на сила на 15 октомври истата година.






