понеделник, 22 декември 2025

Уште еден руски олигарх најден мртов

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за Александар Суботин, кој викендов починал под мистериозни околности. Олигархот починал во домот на локалниот шаман, велат руските медиуми.

Бил пронајден мртов во подрумот на домот на шаманот во Митишчи, град североисточно од Москва, откако наводно доживеал срцев удар, јави руската новинска агенција ТАСС. Отворена е истрага за неговата смрт.

Милијардерот, како што изјавил изворот за ТАСС, отишол во куќата на шаманот во состојба на тешка опијанетост, откако еден ден претходно се алкохолизирал и консумирал дрога. Неговото тело било откриено во подрумска просторија што наводно се користела за „јамајкански вуду-ритуали“, објавија руските медиуми.

Локалните медиуми пишуваат дека Суботин отишол кај шаманот во потрага по лек за мамурлак, во кој наводно имало отров од крастава жаба. Следното утро, тој бил пронајден мртов од шаманите Магуа Флорес (вистинско име Алексеј Пинџурин) и Тина Кордоба (вистинско име Кристина Теихриб), според локалните извештаи.

Парот наводно ги лекува клиентите со тоа што „повикува духови“ и жртвува животни, чии тела потоа се потопуваат во крвта на петли.

Сепак, за сите овие наводи нема потврда од полицијата, а од понеделникот попладне остануваат непознати другите детали за тоа што ја предизвикало неговата смрт. Брачниот пар шамани им кажале на државните инспектори дека Суботин им е пријател и негирале дека го подложиле на шамански ритуали за пари.

Руските власти покренаа кривична истрага за смртта на Суботин додека се обидуваат да ја утврдат нејзината причина, пренесува ТАСС. Инспекторите исто така ќе истражат дали имало дрога во неговата крв кога умрел.

Неговата смрт доаѓа само неколку месеци откако Лукоил, втората по големина руска нафтена компанија, повика на брз прекин на војната меѓу Русија и Украина.

Суботин е еден во низата мртви олигарси, а списокот на руски богаташи што починале под неразјаснети околности расте од почетокот на инвазијата. Имаше многу сомнежи дека се работи за самоубиства или убиства и самоубиства (до телата на тројца олигарси најдени се тела на жени и деца) и дека тоа всушност се ликвидации нарачани од Кремљ што личат на самоубиства, односно убиства и самоубиства во рамките на семејството.

Телото на Сергеј Протосење, поранешен потпретседател и главен финансиер на Новатек, голема гасна компанија делумно во сопственост на Газпром, беше пронајдено обесено во градината на изнајмена вила во Шпанија на 22 април. Неговата сопруга и ќерка биле пронајдени мртви во креветите со убодни рани. Неговиот син Федор (22) изрази скептицизам во верзијата за семејно убиство и самоубиство.

Еден ден претходно, Владислав Аваев, поранешен потпретседател на Газпромбанк и поранешен функционер во кабинетот на претседателот и во руската Дума, беше пронајден мртов со пиштол во раката и прострелна рана, во неговиот стан во Москва на 18 април. Според некои информации, со него биле пронајдени неговата бремена сопруга Јелена и 13-годишната ќерка Марија, двете мртви. Сите тројца имале прострелни рани.

Неполн месец претходно и ден по почетокот на инвазијата на Украина, на 25 февруари, заменик-директорот на Газпром Александар Тјулаков (61) беше пронајден обесен во истиот ограден богаташки кварт, во гаражата на луксузниот дом.

Милијардерот Василиј Мелников, директор на компанијата за медицински набавки Медстом, беше пронајден мртов со неговата 41-годишна сопруга Галина и двата мали сина (постариот имаше 10, а помалиот 4) во нивниот милионски дом во Нижни Новгород. Тројцата имале убодни рани, на Мелников му била расечена артеријата, а на местото на злосторството биле пронајдени ножеви.

Не е јасно ни како починал Михаил Ватфорд, кој живеел во Британија и го стекнал своето богатство во рускиот бизнис со гас и нафта, познат по корупцијата и поврзаноста со Кремљ.

Уште една смрт за која во медиумите се зборуваше дека е необјаснета се случи три недели пред руската инвазија. Станува збор за смртта на Леонид Шулман, директор за транспорт на Газпром инвест, финансиското крило на Газпром, кој беше пронајден на 30 јануари во неговата колиба во населбата Ленински, во близина на Санкт Петербург.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ