Атина ги негира тврдењата и наведува дека УНХЦР подлегнува на пропагандата на соседна Турција, од која илјадници азиланти секоја година влегуваат во Грција.
Високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди го осуди „сè поголемиот број случаи на насилство и сериозно кршење на човековите права на бегалците и мигрантите на европските граници“, во кои неколку луѓе го загубиле животот, а ја спомна само Грција.
„Вознемирени сме од постојаните и доследни извештаи кои доаѓаат од копнените и морските граници на Грција со Турција, каде УНХЦР забележале речиси 540 случаи на неформално исфрлање од Грција од почетокот на 2020 година“, кажа Гранци.
Додаде дека три лица загинале од септември 2021 во Егејското Море, кога биле присилно вратени од грчките води. Наведе дека мигрантите биле оставени на сплавови среде морето, а некои фрлени во вода, што е „безобѕирно“, како и дека на копнената граница некои зимоска биле соблекувани и протерани на другата, турската страна.
Турција објави дека 19 мигранти се најдени умрени од студ на нејзината копнена граница со Грција, и ги обвини грчките власти дека им ги одзеле облеката и обувките и ги натерале да се вратат во Турција. Грчкиот министер за миграции Нотис Митараки кажа денес дека е изненаден од изјавата на Гранди.
„Грција ги штити надворешните граници на ЕУ, во согласност со меѓународното право и со целосно почитување на повелбата за човекови права“, кажа тој.
Министерот истакна дека е многу загрижувачко тоа што „турската пропаганда и лажните вести за нелегалната миграција често се земаат како факти“. Митараки ја обвини Анкара дека не го почитува договорот со ЕУ од 2016 чија цел е успорување на нелегалната миграција од Турција во Грција.
„Само во последните седум години, Грција беше безбедно прибежиште за повеќе од милион луѓе“, кажа тој.
Околу милион луѓе влегоа во Грција преку Турција во 2015 година, барајќи подобар живот во развиениот дел на Европа.
Грчките власти, со помош од партнерите од ЕУ, потоа ги заострија граничните контроли и кренаа ограда долж копнената граница со Турција.






