Српскиот претседател Александар Вучиќ во вторник изјави дека Србија има уште четири дена до целосно затворање на рафинеријата доколку САД не ја одобрат лиценцата за работа на Српската нафтена индустрија (НИС).
Рафинеријата за нафта на НИС во Панчево, во близина на Белград, остана без сурова нафта за преработка откако нафтоводот низ Хрватска Јанаф ги прекина испораките поради санкциите на САД врз српската нафтена компанија воведени поради руското сопствеништво во компанијата.
НИС во вторник објави дека рафинеријата започнува со подготовките за прекин на работата.
Претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ изјави дека ќе биде предложен амандман на Законот за буџет, во кој ќе бидат утврдени околностите под кои Србија би морала да ја преземе НИС.
Според најавите од српската влада, Сијарто треба да се сретне со министерот за надворешни работи на Србија Марко Ѓуриќ и министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Вучиќ претходно изјави дека во владата имало гласови дека треба да се национализира НИС, но дека неговиот предлог, кој бил усвоен од владата, бил да се дадат уште 50 дена за да се најде нов купувач на НИС.
„Но, ако по 50 дена нема продажба на НИС, немаме избор и ќе мора да воведеме сопствена администрација и да им ја платиме на нашите руски пријатели највисоката можна цена“, рече Вучиќ, додавајќи дека САД побарале негов збор дека ќе дојде до трансакција на уделот во НИС „и во писмена и во усна форма“.






