Земјата увезува околу 80 отсто од гасот и 65 отсто од нафтата од Русија, а рафинериите на МОЛ во моментов преработуваат главно руска нафта. „Би сакале да видиме кои се предлозите на маса и дали постои алтернатива за да ги замениме ресурсите кои стигнуваат од Русија“, кажа Гергели Гулјаш.
Што се однесува до увозот на руски гас, Гулјаш кажа дека не гледа никаква алтернатива во догледна иднина.
Шефицата на германската дипломатија Аналаена Бербок кажа дека Германија до крајот на годината ќе престане да увезува руска нафта.
„Без рускиот гас не само унгарската, туку и германската економија би паднала во длабока рецесија, затоа секаква расправа за тоа или морализирање се бесмислени“, кажа Гулјаш.
Што се однесува до нафтата, кажа тој, ситуацијата не е многу подобра, но има повеќе алтернативи. Објасни дека би требало неколку месеци, ако не и една година, како и стотици милијарди форинти за рафинериите на МОЛ да се прилагодат за да можат да преработуваат друга нафта, која не е руска.
„Ни требаат одговорни одлуки ако сакаме да воведеме какви било санкции. Мораме да знаеме од каде ќе увезуваме енергенси, во кои количества и кој тоа ќе го плати. Денес не го гледаме тоа и неодговорно би било да зборуваме за дополнителни санкции“, кажа Гулјаш.
Русија е најголем снабдувач со нафта на Европа. Од целосниот увоз на нафта во ЕУ во 2020, уделот на руската нафта бил околу 26 отсто.






