среда, 7 мај 2025

Унгарија и Словачка сугерираат дека шап и лигавка доаѓаат од биотероризам

Властите во Унгарија и Словачка теоретизираа дека сегашното ширење на високо заразната шап и лигавка (ФМД) може да биде поврзано со биотероризам без никакви научни докази за да го поткрепат тоа, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во март, Унгарија го забележа првиот случај на шап и лигавка во последните 50 години, на фарма за добиток во близина на границата со Словачка. Оттогаш, вирусот е потврден на уште три унгарски фарми и шест во Словачка, што ги натера властите да започнат со вакцинирање на добитокот во обид да го спречат ширењето на инфекцијата пред да биде прогласено итно усмртување на животните.

Словачка прогласи вонредна состојба, воведе ограничувања на границите и отвори центар за надзор во кој работат полицијата, армијата и пожарникарите.

„Според моите сознанија, нема докази за поддршка на таквото сценарио“, рече вирологот Јиржи Черни од чешкиот универзитет за биолошки науки во Прага, коментирајќи ги наводите за можен биотерористички напад.

„Ова не значи дека треба да се игнорираат алтернативните објаснувања, но тие треба внимателно да се истражат и да не се претпоставува без докази“, додаде Черни. Тој нагласи дека е многу поверојатно вирусот да се пренесе ненамерно, преку контаминирани обувки, облека, опрема, па дури и пердуви на птици преселници.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан беше првиот што отвори простор за сомнеж во природното потекло на вирусот.

На прес-конференција минатиот четврток, неговиот шеф на кабинет Гергели Гуљас изјави: „Во оваа фаза не можеме да ја исклучиме можноста вирусот да не е од природно потекло. Можеби станува збор за вештачки конструиран вирус“, повикувајќи се на наводни информации од странска лабораториска анализа, кои, сепак, не се потврдени.

Гуљас истакна дека експертите мора да ја истражат „секоја можност за напад од вештачки конструиран патоген“.

Еден ден подоцна, слично мислење изрази и словачкиот министер за земјоделство Ричард Такач, кој во интервју на Јутјуб рече дека и Словачка ја разгледува истата теорија.

„Се појавија различни шпекулации, ние поставуваме прашања, како и Европската комисија“, рече Такач. „Можам да потврдам дека во официјалните документи од европските состаноци како едно од можните сценарија се споменува биотероризмот.Темата е под истрага“.

Европската комисија одби да ги коментира изјавите на словачкиот министер, но потврди дека се обидува да го утврди изворот на вирусот во соработка со земјите-членки. Изолацијата на вирусот и секвенционирањето на геномот во моментов се спроведуваат во референтна лабораторија на ЕУ, што може да помогне да се разјасни потеклото на заразата.

„Не можеме да шпекулираме за временската рамка или резултатите од истрагата“, изјави портпаролката на Комисијата за Политико.

Поради избувнувањето на болеста, Австрија и Чешка ги зајакнаа граничните контроли, додека Обединетото Кралство привремено го забрани самостојниот увоз на месо и млечни производи од ЕУ.

Шап и лигавка се смета за една од најопасните животински болести во светот. Иако ретко убива добиток, поради неговата екстремна заразност кај говедата, свињите, овците и козите, заразените фарми обично треба целосно да се деконтаминираат и животните да се усмртат.

Големата епидемија во Обединетото Кралство во 2001 година доведе до криза во земјоделството и туризмот, при што штетата надмина 15 милијарди евра. Тогаш беа евтаназирани повеќе од шест милиони животни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ