Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Гергељ Гуљаш изјави дека владата не верува оти Гаспром ќе ја прекине испораката на гас, бидејќи Унгарија ги плаќа своите обврски и дека државата се обидува да се подготви за секоја ситуација, но дека рускиот гас и нафта не можат да се заменат преку ноќ.
Министерот за надворешни работи Петер Сијарто претходно за Си-ен-ен изјави дека Будимпешта е подготвена да ѝ плати на Москва во рубљи, и покрај предупредувањето на Европската комисија дека тоа ќе ги прекрши санкциите што ЕУ ги воведе кон Русија по инвазијата на Украина.
Сијарто рече дека Унгарија увезува 85 отсто гас и 65 отсто нафта од Русија и дека нема алтернативни извори што ќе ѝ овозможат да престане да увезува руска енергија во следните неколку години.
На 27 април рускиот Гаспром ја прекина испораката на гас за Полска и Бугарија, бидејќи тие земји одбија да платат во рубљи, што е најсилниот одговор на Москва на санкциите од ЕУ досега. Бугарија и Полска веќе најавија дека нема да ги обноват договорите со Гаспром и дека можат да обезбедат испораки од други извори.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Полска и Бугарија сега добиваат гас од соседните земји на ЕУ, оценувајќи ја одлуката на Гаспром како „уште една провокација на Кремљ“ и обид за уцена.
Членките на ЕУ, од кои многумина остануваат зависни од рускиот увоз на енергија се поделени околу тоа како да продолжат да плаќаат за увоз на рускиот гас без да ги прекршат европските санкции.
Министрите за енергетика на ЕУ ќе се состанат на 2 мај за да разговараат за актуелната ситуација во областа.






