Финска соопшти дека два украински дрона се урнале на југоистокот на земјата, први од почетокот на руско-украинската војна. „Дронот што се урна северно од Кувола е пронајден и, според прелиминарните резултати, носел неексплодирана боева глава“, соопшти полицијата.
Леталото подоцна било уништено во контролирана експлозија.
Беше идентификувано како голем украински дрон АН196, кој има распон на крилјата од 6,7 метри и е долг 4,4 метри.
Киев ѝ се извини на Финска за упадот на украинските дронови во финскиот воздушен простор, потврди портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Хеорхиј Тихи.
За време на брифингот за медиумите во Киев, Тихи рече дека украинските дронови летале кон Русија, но можеби се пренасочиле кон Финска поради блокирање од руските системи за електронско војување.
„Можеме јасно да кажеме дека украинските беспилотни летала во никој случај не беа насочени кон Финска. Најверојатната причина е блокирањето од руските системи за електронско војување. Веќе ѝ се извинивме на финската страна за овој инцидент“, нагласи тој.
Порано во текот на денот, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека разговарал за инцидентот со својот фински колега, Александар Стуб, и дека двајцата на ситуацијата гледаат на ист начин.






