Медведчук, лидерот на украинската опозициска партија За живот, е во домашен притвор од минатата година, откако властите против него отворија случај за предавство.
Медведчук, проруска личност, кој вели дека рускиот претседател Владимир Путин ѝ е кум на неговата ќерка, негира дека сторил нешто лошо.
Адвокатката на Медведчук рече дека тој бил принуден да ја смени локацијата поради заканите од националистичките групи и дека ги известил властите за тоа.
„Во врска со реалната опасност по животот, како и потребата да се обезбеди негова заштита, Виктор Медведчук е евакуиран на безбедно место во Киев“, рече адвокатката Лариса Чередниченко, пренесе Ројтерс.
Медведчук ќе продолжи да ги исполнува своите законски обврски за време на расправата за случајот за предавство, додаде таа.
Медведчук е во домашен притвор од мај минатата година, соочен со обвиненија за предавство и обид за грабеж на државни ресурси на Крим, дел од Украина што Русија го анектираше во 2014 година.
Неговото апсење го вознемири Кремљ минатата година, а вестите за негово можно бегство доаѓаат откако Русија почна целосна инвазија на Украина, вели Ројтерс. Западните разузнавачи веруваат дека Русија планира да инсталира проруска марионетска влада, тврдење што Кремљ го отфрла.






