Лидерот на партијата Слуга на народот во украинскиот парламент, Дејвид Арахамиа, кој е член на делегацијата на Украина за време на мировните дискусии, објави соопштение во кое детално опишува што има намера Киев да постигне со преговорите со Москва.
Според него, „минимумот“ што Украина сака да го добие од разговорите е гаранција за хуманитарни коридори, односно рути за бегство на цивили од областите каде што се водат борбите, додека сè друго „зависи од околностите“.
Главниот преговарач на Москва, Владимир Медински, во средата рече дека двете страни ќе разговараат за прекин на огнот за време на нивните разговори во Беловежскаја Пушча во близина на полско-белоруската граница.
Барањата на Русија ги соопшти министерот за надворешни работи на таа земја, Сергеј Лавров.
Тој рече дека Русија има три барања: Украина мора да се „демилитаризира и денацифизира“, да го признае Крим како дел од Русија, кој Москва го анектираше во 2014 година, и формално да ги признае двата региони Доњецк и Луганск како независни држави, што Русија го стори пред десетина дена.
„Ние сме подготвени да водиме разговори“, рече Лавров, „но ќе ја продолжиме операцијата бидејќи нема да дозволиме Украина да ја зачува воената инфраструктура што е закана за Русија“.
Лавров, исто така, призна дека има жртви меѓу украинските цивили, велејќи дека „секоја воена акција е полна со жртви, и тоа не само меѓу војската, туку и меѓу цивилите“.






