среда, 25 февруари 2026

Украинците ги напаѓаат командните центри на окупирани територии со моќни американски ракети

Украинските сили извршија серија напади со американски ракети со долг дострел АТАКМС врз руски командни пунктови, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина. Нападите, извршени ноќта помеѓу 23 и 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на ова оружје, пренесува Киев Индепендент.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните способности на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги напаѓаат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.

Според достапните информации, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка, во окупираниот дел од Доњецката област. Војската потврди дека меѓу употребеното оружје биле и ракети АТАКМС.

Дополнителни напади беа насочени кон логистичкиот магацин на рускиот центар Рубикон во близина на Василивка, во окупираниот дел од регионот Запорожје, како и кон магацините за муниција и снабдување во Прјазовски и Олександривка.

Руската фабрика за одржување и поправка на воена опрема во близина на Јакимивка во Запорожјето исто така беше погодена. Конечниот обем на штетата сè уште се утврдува, соопшти украинската војска, објави Киев Индепендент.

АТАКМС се балистички ракети од американско производство кои се лансираат од системот ХИМАРС и можат да погодат цели на оддалеченост до 300 километри. Украина ги доби првите верзии со пократок дострел есента 2023 година, додека понапредните модели беа испорачани во пролетта 2024.

На Киев првично му беше дозволено да ги користи овие ракети исклучиво против цели на окупирана украинска територија. Поранешниот американски претседател Џо Бајден ги ублажи тие ограничувања во ноември 2024 година, дозволувајќи напади врз воени цели во Русија.

Според достапните извештаи, резервите на овие ракети во Украина се ограничени веќе некое време, поради што се користат ограничено. Последната потврдена употреба на АТАКМС пред овој напад беше регистрирана на 18 ноември минатата година.

Украинските сили извршија напади врз руската командна инфраструктура еден ден претходно, на 23 февруари, насочени кон команден пункт и центар за контрола на беспилотни летала во близина на Покровск.

Киев сè повеќе ја напаѓа руската командна и логистичка инфраструктура длабоко зад фронтовските линии, со цел да ја наруши координацијата и снабдувањето што ги поддржува офанзивните операции на Москва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ