понеделник, 8 декември 2025

Украинците дигнаа во воздух важен пат во близина на Покровск (ВИДЕО)

Украинските сили го дигнаа во воздух патот што ги поврзува окупираниот град Селидово и Покровск, местото на некои од најжестоките борби во регионот Доњецк. Со овој потег е пресечен важен правец кој руските сили го користеа за напад од северозапад, соопшти 7-миот корпус за брза реакција на Украина.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Градот Селидово, кој пред војната имаше 20.000 жители, е под руска окупација од 2024 година. Од пристигнувањето на Русите, поголемиот дел од згради се претворени во урнатини, а преостанатите жители живеат без греење, струја и редовна достава на храна.

Оневозможени руски упади со лесни возила

„Како резултат на воздушниот напад, патот што ги поврзува Селидово и Покровск беше уништен. Така, Русите ја изгубија можноста да го користат овој пат за инфилтрирање во Покровск со лесна опрема“, објави украинската војска.

Русите претходно го користеле овој пат за извршување напади со лесни возила. Само на 11 ноември, украинските одбранбени сили уништија пет мотоцикли и пет автомобили на приодите кон градот, во напад што заврши со „делумен успех“ за Русите.

Додека украинските војници во други области поставуваат дополнителни инженерски пречки, руската команда испраќа таканаречени самоубиствени одреди со задача да ги отстранат.

Борба за контрола врз регионот Доњецк

Руските сили се обидуваат да го окупираат и Мирноград, град близнак на Покровск. Неговото паѓање би го оставило Покровск незаштитен и би го отворил патот за понатамошно руско напредување кон Костјантинивка, Дружкивка, Краматорск и Славјанск, дел од долгорочната цел на Москва да го освои целиот регион на Доњецк, што се обидува да го направи веќе 11 години.

Како пример за борбата за симболична контрола, на 14 ноември, украинските сили го отстранија неодамна поставеното руско знаме од врвот на уништен рудник во Мирноград и ги неутрализираа војниците што го поставиле.

Крај на најважната битка

Борбите за Покровск се едно од централните жаришта на источниот фронт повеќе од една година. Градот е клучна железничка и патна раскрсница и „порта кон Доњецк“,  од летото 2024 година, руската армија се обидува да се пробие користејќи комбинација од бавен, исцрпувачки напредок и широк маневар за опколување на градот и околните населби.

Во последните недели руските сили влегоа во јужните и централните делови на Покровск и се борат од куќа до куќа, при што Москва тврди дека зазела десетици згради и речиси го приклештила градот и соседниот Мирнoград.

Киев признава дека ситуацијата е „тешка“, истакнува дека бранителите се повеќекратно бројно надмоќни, но ги отфрла тврдењата за целосно опкружување и се обидува да повлече линија на одбрана на начин што ќе спречи понатамошно напредување на Русија кон Краматорск и Славјанск, последното големо украинско упориште во регионот Доњецк.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ