Висок украински функционер рече дека разговорите со Русија за завршување на војната биле многу тешки, но дека „секако има простор за компромис“, додавајќи дека преговорите ќе продолжат в среда.
Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, на својот твитер-профил објави дека постојат суштински противречности меѓу двете страни.
„Продолжуваме утре. Многу тежок преговарачки процес. Постојат суштински противречности. Но секако има простор за компромис. За време на паузата ќе се продолжи со работа во подгрупите…“, напиша Подољак.
„Киев не е сериозен во врска со мировните преговори со Москва, му рече денеска рускиот претседател Владимир Путин на претседавачот со ЕУ, Шарл Мишел, во телефонски разговор.
„Киев не покажува сериозен став кон барањето заемно прифатливи решенија“, рекол Путин во својата оценка за мировните преговори што почнаа минатата недела.
Тој укажал на едностраната позиција на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина, истакнувајќи дека раководството на ЕУ ја игнорирала „криминалната и нехумана акција на украинската војска“ во понеделникот – ракетен напад со касетна муниција врз станбен кварт во центарот на Доњецк, кој наводно довел до цивилни жртви.






