Руските авиони повеќе пати фрлиле наведувани бомби над северниот регион Суми, соопштија украинските воздухопловни сили на Телеграм, предупредувајќи за континуирана воздушна активност во источен правец. Во меѓувреме, рано утрово беа пријавени предупредувања и напади со дронови и во регионот Липецк во западна Русија, според регионалниот гувернер Игор Артамонов.
Информациите дадени од двете страни не се независно потврдени.
Едностраното примирје во траење од 72 часа прогласено од Москва стапи на сила веднаш по полноќ, според руската државна новинска агенција ТАСС. Путин најави прекин на огнот за време на годишната прослава на Денот на победата во Русија на 9 мај, со што се означува крајот на Втората светска војна во Европа.
Украина го отфрли потегот како симболичен и, заедно со САД, продолжува да повикува на прекин на огнот во траење од најмалку 30 дена. „Нашиот предлог за прекин на нападите, за прекин на огнот од најмалку 30 дена, сè уште важи“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање до нацијата.
„Но, светот гледа дека Русија не дава никаков одговор – никаков одговор освен нови напади“, додаде тој.
Украина се брани од целосна руска инвазија повеќе од три години.