среда, 4 февруари 2026

Украина, Русија и САД ја започнаа втората рунда преговори во Абу Даби

Нова рунда преговори меѓу претставниците од Русија, Украина и САД за завршување на речиси четиригодишната војна во Украина, започна денес во Абу Даби.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Процесот на преговори започна во трилатерален формат – Украина, САД и Русија. Следи работа во одделни групи по специфични теми, по што е планирана средба за синхронизирање на ставовите“, напиша денес на мрежата Икс Рустем Умеров, шеф на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, кој присуствува на состанокот.

Тој рече дека украинската делегација работи со „јасни директиви од претседателот Володимир Зеленски за постигнување достоинствен и траен мир“ и дека го информираат шефот на државата за напредокот во секоја фаза од преговорите.

Во американскиот тим требаше да биде вклучен и специјалниот претставник Стив Виткоф, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп Џаред Кушнер, кои исто така учествуваа во првата рунда трилатерални разговори минатиот месец, објави Белата куќа.

На минатомесечните разговори во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, во рамки на американските напори за ставање крај на конфликтот, постигнат е одреден напредок, но не и пробив по клучните прашања, изјавија официјални лица.

Разговорите во Абу Даби се одржуваат во услови на широко распространети руски напади врз енергетскиот систем на Украина, кои се случуваат секоја зима откако Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.

Во масовното руско бомбардирање во понеделникот вечерта беа вклучени стотици беспилотни летала и рекордни 32 балистички ракети, при што беа повредени најмалку 10 лица. Нападот се случи и покрај договорот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Трамп дека нападите врз електроенергетската мрежа на Украина ќе бидат привремено суспендирани.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да даде какви било детали за разговорите во Абу Даби денес и рече дека Москва нема намера да коментира за исходот од разговорите.

„Вратата за мирно решение е отворена“, рече Песков, но исто така посочи дека Москва ќе ги продолжи своите воени дејствија сè додека Киев не одговори на нејзините барања, објави АП.

Русија ги таргетира украинските енергетски инсталации затоа што нејзините вооружени сили веруваат дека целите се поврзани со воените напори на Киев, рече Песков.

Не е јасно колку долго Путин вети дека ќе ги паузира нападите врз електроенергетската мрежа на Украина, а Москва не ги запре воздушните напади врз други цели во Украина, а официјален претставник на Кремљ минатата недела изјави дека Русија се согласила да ги запре нападите врз Киев една недела до 1 февруари.

Зеленски доцна синоќа изјави дека поминале едвај четири дена и дека имало нов бран напади врз електроенергетската мрежа на Украина и го обвини Путин за лицемерие.

Трамп, сепак, вчера тврдеше дека Путин „го одржал зборот“ за привремената пауза. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, вчера изјави дека Трамп „за жал не е изненаден“ од продолжувањето на руските напади.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ