Портпаролот на украинското министерство Олег Николенко кажа за агенцијата Укринформ дека станува збор за „неосновани обвинувања“.
Тој наведе дека изјавите на Вучиќ за наводна вмешаност на Украина во заканите со бомби во авионите кои од Србија летаат кон Русија се „неточни“.
Николенко кажа и дека е разочаран од тоа што Србија сè уште не се придружила на санкциите на Европската Унија против Русија.
„Можеме да ја завршиме војната со санкциите и единството на демократскиот свет. Го повикуваме Белград да се заложи за вистината и целосно да ја поддржи Украина и вредностите на кои се заснова обединета демократска Европа“, порача Николенко.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека зад лажните дојави за бомби стојат странски разузнавачки служби на две земји, од кои едната е членка на ЕУ, а другата е Украина.






