Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека Русија не одговорила на барањето што ѝ го испратила Украина во петокот, во кое, повикувајќи се на дел од договорот за безбедност од т.н. Виенски документ бара од Русија да го објасни спроведувањето на тековните воени активности.
„Затоа сега го правиме следниот чекор и бараме средба со Русија и сите вклучени земји во рок од 48 часа за да разговараме за зајакнување и прегрупирање на руските воени сили долж нашата граница и во привремено окупираниот Крим“, напиша Кулеба на Твитер.
„Ако Русија е сериозна кога зборува за неделивоста на безбедноста во областа на ОБСЕ, тогаш мора да ја исполни својата обврска за воена транспарентност за да ги намали тензиите и да ја зголеми безбедноста за сите“, додаде Кулеба во изјавата.
Американските набљудувачи од мисијата на ОБСЕ во неделата со автомобили го напуштија источниот град Доњецк, кој е под контрола на бунтовниците, објави Ројтерс. Руското министерство за надворешни работи ги критикуваше повиците набљудувачите на ОБСЕ да ја напуштат Украина.
„Таа одлука нè загрижува“, изјави портпаролката Марија Захарова во неделата вечер во Москва. „Мисијата е свесно вовлечена во воената психоза поттикната од Вашингтон и се користи како средство за можна провокација“, рече Захарова, пренесува германската новинска агенција дпа.
ОБСЕ е во мисија во Украина која вклучува и цивилен надзор во сепаратистичките републики Доњецк и Луганск, каде од 2014 година се води војна во која животот го загубија повеќе од 14.000 луѓе.
ОБСЕ издаде соопштение во кое се вели дека некои „држави учеснички“ им рекле на своите граѓани да ја напуштат Украина, но додаде дека мисијата продолжува со својата работа. Досега 21 припадник на ОБСЕ го напушти Доњецк, а повеќе од 30 планираат да го сторат тоа, изјави дипломатски извор.
Друг извор, на кој се повика Ројтерс, вели дека 160 припадници на ОБСЕ ја напуштиле Украина, вклучувајќи Холанѓани, Данци, Канаѓани, Словаци, Албанци. Ројтерс не можел да ги потврди овие бројки од други извори. Русија и ОБСЕ во минатото имале несогласувања во источна Украина.
Во септември, Москва одби друга мисија на ОБСЕ да ја надгледува границата меѓу областите под контрола на бунтовниците и Русија. Проруски сепаратисти ги блокираа набљудувачите во нивниот хотел во Доњецк цела недела во октомври.






