„Често слушаме дека Украина му припаѓа на европското семејство и сега е важно да ѝ резервираме место во Европската Унија“, изјави Кулеба за германската јавна телевизија во почетокот на посетата на Германија.
„Ние навистина не зборуваме за најбрзо можно пристапување на Украина во ЕУ, но за нас е многу важно да го резервираме тоа место за Украина“, рече украинскиот министер.
Киев ја поднесе својата кандидатура за влез во Унијата на 28 февруари, неколку дена по почетокот на руската инвазија, но некои земји-членки се резервирани, меѓу другото и за доделувањето кандидатски статус на Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот во Берлин процени дека ќе бидат потребни „децении“ за земја како Украина да стане членка на ЕУ и предложи да се формира „европска политичка заедница“ на која ќе може да ѝ се приклучи додека чека. Таа заедница би можела да вклучува и земји што ја напуштиле Унијата, како што е Велика Британија.






