понеделник, 8 декември 2025

Убиство на градоначалник предизвика насилни немири во Мексико (ВИДЕО)

Најмалку 120 лица, претежно полицајци, беа повредени во Мексико Сити откако протестите против владата на претседателката Клаудија Шајнбаум ескалираа во насилство. Илјадници луѓе, предводени од членови на Генерацијата Зет, маршираа низ главниот град во саботата, гневот беше поттикнат од неодамнешното убиство на градоначалник кој се бореше против нарко-картелите, пренесува Гардијан.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Протестите, кои ги организираа младите, силно ги поддржуваа и постарите приврзаници на опозициските партии. Многумина носеа транспаренти и капи во чест на Карлос Алберто Манцо Родригез, градоначалникот на Уруапан во државата Мичоакан, кој беше убиен на 1 ноември. Манзо Родригез водеше крстоносен поход против бандите трговци со дрога во својот град.

„Убиен е затоа што беше човек кој испраќаше службеници во планините за да се борат против деликвентите“, изјави Роса Марија Авила, 65-годишна агентка за недвижности која допатува од Мичоакан на протестот. „Тој имаше храброст да се соочи со нив.“

Иако претседателката Шајнбаум, која е на функцијата од октомври 2024 година, сè уште ужива поддршка од повеќе од 70% од граѓаните, таа се соочува со критики поради нејзините безбедносни политики по неколку убиства со висок профил. „Ни треба поголема безбедност“, рече Андрес Маса, 29-годишен бизнис консултант, носејќи знаме со пиратски череп што стана глобален симбол на протестите на Генерацијата Зет.

Демонстрантите се собраа пред Националната палата, каде што живее и работи претседателката Шајнбаум, и срушија дел од металните огради околу зградата. Полицијата што го обезбедуваше комплексот употреби солзавец и противпожарни апарати за да ја контролира толпата што се упати кон оградите. „Вака требаше да го заштитите Карлос Манцо“, извикуваа некои од демонстрантите кон безбедносните сили.

Стотици млади фрлаа различни предмети кон полицијата, која возврати со поставување штитови и исто така со фрлање предмети кон демонстрантите.

Шефот на безбедноста на Мексико Сити, Пабло Васкез, изјави дека протестите биле мирни со часови. „Многу часови, оваа мобилизација беше мирна, сè додека група маскирани лица не почна да извршува насилни акти“, рече Васкез. Тој потврди дека се повредени 100 полицајци, од кои 40 побарале болничко лекување, како и 20 демонстранти.

Во деновите пред протестот, претседателката Шајнбаум ги обвини десничарските партии за обид да се инфилтрираат во движењето на генерацијата Зет и дека користат ботови на социјалните мрежи за да привлечат поголем број учесници. „Тоа е движење промовирано од странство против владата“, изјави таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ