Според проекциите, проевропската Партија за акција и солидарност (ПАС), на власт од 2021 година, би можела да го задржи апсолутното мнозинство во Парламентот со 55 од 101 места. Партијата имаше 63 места во претходниот парламент.
Таа е пред прорускиот Патриотски блок, кој освои 24,26% од гласовите. Еден од лидерите на блокот, поранешниот претседател Игор Додон (2016-2020), прогласи победа и повика на демонстрации денес во главниот град Кишињев.
На трето место со 7,99 проценти од гласовите е Националното алтернативно движење (МАС) на градоначалникот на Кишињев, Јон Чебан, кој повика на гласање против партијата ПАС.
Нешто повеќе од 52 проценти од молдавските гласачи излегоа на изборите на кои требаше да одлучат дали ќе продолжат со приближувањето кон Европската Унија или ќе се вратат под руско влијание.
Партијата ПАС го запре, повеќе од очекуваното, падот на својот рејтинг во споредба со претходните избори во 2021 година кога освои 52,8 проценти од гласовите во споредба со 27,2 проценти за Блокот на социјалисти и комунисти на Игор Додон.
За време на кампањата, двете страни се обвинуваа меѓусебно за манипулации и обиди за заплашување.
Според проценките од Европската Унија, изборите се одржаа под сенка на страв од купување гласови и немири, како и невидена кампања на дезинформации предводена од Русија.
Москва ги негираше обвинувањата, додека молдавската опозиција, во голема мера проруска, ја обвини ПАС за заговор за измама.
Молдавската служба за сајбер безбедност во неделата соопшти дека открила повеќе обиди за напад врз изборната инфраструктура, за кои рече дека биле „неутрализирани во реално време“.
По гласањето во Кишињев вчера, Маја Санду предупреди на „масовно руско мешање“ и им рече на новинарите дека нејзината земја, која се граничи со Украина разорена од војна, е во опасност.
Игор Додон од Патриотскиот блок прогласи победа веднаш штом се затворија гласачките места. Обраќајќи им се на своите поддржувачи преку мегафон синоќа, тој ги повика опозициските партии и членовите на граѓанското општество мирно да демонстрираат пред парламентот напладне во понеделник за да ги одбранат гласовите на граѓаните.

Потоа тој излезе пред изборната комисија и се закани дека нема да ги признае резултатите од изборите доколку има фалсификувања во текот на ноќта.
Гласот на дијаспората, кој придонесе за реизборот на Маја Санду во 2024 година, и гласањето во сепаратистичкиот регион Приднестровие беа следени со особен интерес.
Властите на Приднестровие вчера ја обвинија молдавската влада за „бројни и очигледни“ обиди да ги ограничат жителите на регионот од гласање.






