четврток, 25 декември 2025

Уапсени 115 осомничени за планирање напади во Турција

Турските безбедносни сили приведоа 115 осомничени членови на групата Исламска држава, осомничени за планирање напади за време на прославите на Божиќ и Нова Година во земјата, соопшти денес канцеларијата на главниот обвинител во Истанбул.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Истанбулската полиција добила информации дека членови на Исламска држава планирале напади во Турција, особено против немуслимани за време на прославите на Божиќ и Нова Година, соопшти канцеларијата на обвинителството на платформата Икс, пренесува Ројтерс.

Во соопштението се вели дека полицијата извршила рации на 124 локации во Истанбул и уапсила 115 лица од 137 осомничени по кои се трага. За време на апсењата биле запленети неколку пиштоли и муниција.

Турската разузнавачка агенција МИТ го уапси Мехмет Горен, член на Исламска држава Корасан (ИД-К) во вторник, спречувајќи планирани напади за новогодишната ноќ, а операцијата ја разоткри и мрежата за регрутирање на терористичката организација.

Горен, познат под кодното име Јахја, бил уапсен во пограничниот регион меѓу Авганистан и Пакистан и донесен во Турција.

Според разузнавачките информации, тој се согласил да изврши самоубиствени напади и се искачил на раководна позиција во ИД-К по обуката во кампови долж границата.

Турските власти исто така издадоа наредби за притвор на 10 осомничени за финансирање на мрежата на ИД во Анкара.

Жандармеријата во Анкара предупреди на 19 декември дека ИД планира напади во прометни области, вклучувајќи трговски центри и пазари, за време на новогодишните прослави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ