вторник, 31 март 2026

ТВ-уредничката што протестираше во етер казнета со 293 долари, покрената е кривична предистрага

Објавено на

часот

Сподели

Московскиот суд денеска ја казни уредничката на Први канал Марина Овсјаникова со 30.000 рубли (околу 293 долари), откако вчера со антивоен плакат упадна во студиото за време на вечерна информативна емисија.

Марина ја прекина главната информативна емисија појавувајќи се зад водителката на централните вечерни вести со плакат на кој пишуваше: „Не за војната. Запрете ја војната. Не ѝ верувајте на пропагандата. Тука ве лажат.“

Овсјаникова претходно снимила и специјална порака во која вели дека се срами од тоа што го правела на Први канал.

„Овсјаникова беше прогласена за виновна за административен прекршок според дел 2 од член 20.2 од Кодексот за административни прекршоци на Руската Федерација (организирање или одржување јавен настан без соодветно поднесување известување за јавен настан)“, рече Кристина Јавкина, портпаролката на судот во Останкино, пренесоа руските медиуми.

Не е јасно дали казната се однесува на нејзината видеопорака или нејзиниот ТВ-протест.

Денеска руските медиуми, повикувајќи се на извори од органите за спроведување на законот, објавија дека е покрената кривична предистрага за да се утврди дали дејствијата на Овсјаникова претставуваат „јавно ширење намерно лажни информации за руските вооружени сили“.

Според новиот закон, неодамна усвоен во Русија, намерното ширење „лажни информации“ за руската војска е казниво со до 15 години затвор и висока парична казна.

Пред нејзиното неочекувано појавување во етер, Овсјаникова, која е родена во Украина, сними видеопорака во која рече: „Она што се случува во Украина е злосторство, а Русија е агресорот“, рече таа, повикувајќи ја Москва „веднаш да ја прекине братоубиствената војна“.

Работодавецот на Овсјаникова, Први канал, синоќа објави дека е покрената внатрешна истрага.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ