„Никој нема сериозно да ја сфати слабата и поделена Европа: ниту непријател ниту сојузник. Тоа е веќе јасно. Конечно мора да веруваме во сопствената сила, мора да продолжиме да се вооружуваме и мора да останеме обединети како никогаш досега. Еден за сите и сите за еден. Инаку, готови сме“, рече Туск во објава на социјалните мрежи.
No-one will take seriously a weak and divided Europe: neither enemy nor ally. It is already clear now. We must finally believe in our own strength, we must continue to arm ourselves, we must stay united like never before. One for all, and all for one. Otherwise, we are finished.
— Donald Tusk (@donaldtusk) January 5, 2026
Коментарот на Туск доаѓа по американската воена операција во Венецуела, во која американските сили го уапсија претседателот Николас Мадуро, што предизвика силни меѓународни реакции и отвори дебата за улогата на големите сили, меѓународното право и безбедноста на помалите држави.
Соединетите Американски Држави тврдат дека се работи за акција насочена кон спроведување судски постапки против Мадуро, додека бројни земји, вклучувајќи ја Кина и дел од латиноамериканските земји, го осудија потегот на САД како кршење на суверенитетот на Венецуела. Европските реакции досега беа претпазливи и неизедначени, при што некои европски лидери повикуваат на почитување на меѓународното право и воздржаност.
Туск, кој е еден од најгласните застапници за зајакнување на европската одбранбена политика, долго време предупредува дека Европа не може да се потпира само на безбедносните гаранции на Соединетите Американски Држави. Тој постојано ја нагласува потребата од поголеми трошоци за одбрана, посилна воена соработка во рамките на ЕУ и политичко единство во справувањето со глобалните кризи.
Неговата порака добива дополнителна тежина во контекст на војната во Украина, промените во американската надворешна политика под претседателот Доналд Трамп и растечките глобални тензии, од Блискиот Исток до Латинска Америка.






