„Мировниот одбор е многу иновативен, многу оригинален потфат, но не сите негови аспекти ѝ одговараат на Полска. И треба да знаете како да разговарате за тоа со вашиот најголем сојузник. Овие односи не можат да се темелат на тоа некој постојано да клима со главата и да се обидува да добие нешто преку ласкање. Бидејќи тоа не функционира“, рече Туск утрово пред да замине на неформален самит на Европската унија (ЕУ).
Пристапувањето на Полска во Мировниот одбор на Трамп беше една од главните теми на полскиот Совет за национална безбедност вчера, каде што претседателот Карол Навроцки, идеолошки близок до движењето МАГА (Да ја направиме Америка повторно голема), ја критикуваше владата за досегашното отфрлање на поканата упатена од најважниот сојузник на Полска.
„Полска е верен, лојален, доверлив, предвидлив сојузник на САД и не ми треба никој да ме убедува во тоа. Тоа е надвор од дискусија. Секој што ги загрозува овие односи ги поткопува темелите на полската безбедност. Но, Полска во тој сојуз, барем додека сум јас премиер, нема да биде вазал. Лојален, доверлив, верен сојузник, но не и вазал“, рече денес Туск.
Премиерот додаде дека забележал како понизноста кон САД не им користи на подлизурковците, а одбивањето на владата да ѝ дозволи на Полска да се приклучи на таков концептуализиран Мировен одбор, кој е контроверзен и за многу други земји, го нарече „претпазлив пристап“.
„Можеби околностите ќе се променат. Многу земји што ни се важни имаат слични или други сомнежи, во добро друштво сме. Отворени сме за предлози, но тие мора да бидат безбедни за нашата земја и фер“, рече Туск.
За време на шестчасовната седница, Советот за национална безбедност дискутираше и за новата европска програма за набавка на оружје и модернизација на воената индустрија – САФЕ, каде што на Полска ѝ беа доделени дури 44 милијарди евра поволни кредити.
На опозицијата и претседателот Навроцки им пречи што програмата САФЕ не предвидува купување американско оружје, додека премиерот Туск предупреди дека за време на владеењето на сега опозициската конзервативна партија „Закон и правда“, која сега лобира за американско оружје, само четвртина од трошоците оделе за домашната полска воена индустрија, додека во проектите на владата на Туск финансирани од програмата САФЕ, 80 проценти од средствата ќе одат за полската воена индустрија и набавка на оружје.






