Во објава на социјалните мрежи, Туск рече дека фракциите на крајнодесничарската Конфедерација и мнозинството пратеници од националистичката партија Право и правда (ПиС) сакаат да ја извадат Полска од ЕУ. Тој го нарече таквиот исход „катастрофа“ и вети дека ќе „стори сè“ за да го спречи тоа.
Туск исто така го поврза ризикот од „полегзит“ со силите за кои рече дека се обидуваат да ја „распаднат ЕУ“, вклучувајќи ја Русија, американското движење МАГА и европските крајнодесничарски лидери предводени од унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Предупредувањето на Туск дојде откако претседателот Навроцки во четвртокот стави вето на закон со кој на Полска ќе ѝ се дадеше пристап до европски одбранбени заеми со ниска камата во вредност од 43,7 милијарди евра.
Владата на Туск нема парламентарно мнозинство за да го поништи ветото, што создава неизвесност околу финансирањето на планираните воени расходи, кои треба да достигнат речиси пет проценти од бруто домашниот производ оваа година. Туск предупреди дека ветото на претседателот Навроцки може да ја ослабне позицијата на Полска во рамките на Европската унија.
Поранешниот министер за Европа од редовите на ПиС, Конрад Шимански, во коментар за весник во петокот оцени дека полската националистичка десница се движи по „патот кон полегзит“. Притоа, тој направи паралели со политичката динамика што доведе до британскиот референдум за напуштање на Унијата во 2016 година.
Иако поддршката за излегување на Полска од ЕУ останува ниска, неодамнешните анкети покажуваат дека таа веќе не е занемарлива. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека помеѓу 10 и 25 проценти од Полјаците би поддржале започнување на процесот на излегување, иако огромното мнозинство сè уште го поддржува останувањето во членството.






