Полските обвинители започнаа истрага за „саботажа од терористичка природа“ во име на странска разузнавачка служба.
Доказите укажуваат дека руската разузнавачка служба наредила уништување на дел од железничката пруга што води кон Украина, соопшти владата.
„Сè укажува дека инцидентот на железничката пруга за време на викендот е инициран од руските тајни служби“, изјави Јацек Добжински, портпарол на министерот за тајни служби, објави Еуроњуз.
Инцидентот, кој Туск го нарече „невиден чин на саботажа“, вклучуваше експлозија на дел од железничката пруга помеѓу Варшава и границата со Украина, додека друг сегмент подалеку на југ беше исто така оштетен, таа железница се користи за транспорт на помош за Украина.
„Овие дејствија создадоа непосредна опасност од катастрофа во патниот и железничкиот сообраќај, загрозувајќи ги животите, здравјето и имотот на голем број луѓе“, се вели во соопштението на обвинителството.
Министерот за одбрана Владилав Косиниак-Камиш изјави дека властите истражуваат планирана употреба на камера пронајдена во близина на оштетените пруги на правецот Варшава-Лублин и истакна дека „сите траги водат кон исток, кон Русија“.
Првата експлозија ги оштети пругите во близина на селото Мика, околу 100 километри југоисточно од Варшава, додека вториот инцидент уништи далноводи во областа Пулави, на 50 километри од Лублин. Патничките возови беа запрени на двете локации, но немаше повредени.
Во недела наутро, машиновозач пријавил по телефон неправилности во железничката инфраструктура во областа Жичина, според полицијата во тој округ, прелиминарниот преглед на пругата открил штета на еден дел, предизвикана од експлозија.
Железнички сообраќај на делницата Соболев-Жичин во Полска е обновен утрово по поправките на пругата оштетена од саботажа, соопшти полскиот министер за инфраструктура Дариуш Климчак.






