Во соопштението по работната вечера, лидерите на партиите кажаа дека Турција ја доживува „најдлабоката политичка и економска криза“ во својата историја и за тоа го обвинуваат извршниот претседателски систем.
Тие истакнуваат дека нивна заедничка цел е да ја трансформираат турската управа во „зајакнат парламентарен систем“, а деталите од договорот ќе ги објават на 18 февруари.
Претседателот Ердоган не го спомнаа по име, но нивната јасна цел е да најдат начин заедно да работат за да го сменат.
Меѓу лидерите на вечерата биле Кемал Киличдароглу, шефот на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП), Мерал Акшенер од националистичката Добра партија, како и Али Бабаџан од Партијата на демократијата и прогресот и Ахмет Давутоглу од Партијата на иднината.
Давутоглу и Бабаџан беа коосновачи на владејачката партија на Ердоган – АКП, и служеа на највисоките позиции, но се одвоија за да формираат сопствени партии поради политиката на Ердоган.
Втората по големина опозициска партија, прокурдската Народна демократска партија (ХДП) не беше на состанокот.
ХДП беше мета на владини напади во минатото, а многу нејзини членови, вклучувајќи ги поранешните лидери, се притворени поради наводни врски со забранетите курдски милитанти.
Опозициските критичари системот во Турција го нарекуваат „владеење на еден човек“. Ердоган беше избран за претседател во 2014 година, кога таа функција беше од церемонијален карактер. Претходно долги 11 години мина на функцијата премиер.
Меѓутоа, турските гласачи ја одобрија во 2017 година промената на системот на владеење во претседателски систем кој ги прошири овластувањата на Ердоган на сметка на владата и собранието, а Ердоган беше реизбран следната година.
Следните парламентарни и претседателски избори се закажани за јуни 2023 година.






