Турција ја промени својата реторика, нарекувајќи го рускиот напад врз Украина „војна“ и вети дека ќе спроведе делови од меѓународниот поморски договор за ограничување на минувањето на руските воени бродови од Средоземно Море до Црно Море.
„Сега веќе не се работи за неколку воздушни напади, ситуацијата во Украина може официјално да се нарече војна… Затоа, ќе ја спроведеме конвенцијата од Монтре“, рече турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во интервју за Си-ен-ен Турк.
Балансирајќи помеѓу обврските кон Западот и своите блиски врски со Русија, Турција во почетокот ја опишуваше руската инвазија на Украина како „неприфатлива“, сѐ досега, кога официјално нарече војна.
Оваа реторичка промена ѝ дозволи на Турција да се повика на членовите од Конвенцијата на Монтре од 1936 година, која ѝ дозволува да го ограничи преминувањето на бродови низ нејзините теснеци Дарданели и Босфор во случај на војна или друга закана.
Но турскиот министер Чавушоглу истакна дека Турција не може да го блокира преминувањето на сите руски воени бродови што одат кон Црно Море поради клаузулата во договорот според која исклучок се бродовите што се враќаат во својата регистрирана база.
Турција има добри односи и со Русија и со Украина. Додека другите членки на НАТО воведуваат санкции кон Русија, Турција нема многу простор за маневрирање бидејќи премногу санкции може да го загрозат увозот на руската енергија и да им наштетат на турската трговија и туризам, во време кога економијата на земјата е во големи проблеми.
Шведска праќа оружје
Шведска испраќа оружје во Украина, пренесува АП. Ова претставува значителна промена од нивните традиционални политики.
Шведска ќе донира 5.000 противтенковски проектили, 5.000 панцири, 5.000 шлемови и 135.000 оброци.
Франција, Италија, Германија, Шведска, Ирска, Австрија, Данска, Белгија и Исланд се само последните земји што го затворија својот воздушен простор за руските авиони. Голем дел од Европа сега е забранет за руски авиони.






