Конзорциум предводен од американскиот нафтен гигант „Шеврон“ потпиша договор во понеделник за истражување на природен гас во длабоко море во четири блока, јужно од полуостровот Пелопонез и Крит, на површина од 47.000 квадратни метри.
Ова ќе ја удвои површината на грчките територијални води достапни за истражување на наоѓалишта на гас, со пораката на Атина дека сака да стане извозник на енергија и енергетски центар за Југоисточна Европа.
„Ние се спротивставуваме на оваа нелегална активност, која го прекршува Меморандумот за разбирање за поморска надлежност од 2019 година меѓу Либија и нашата земја“, соопшти турското Министерство за одбрана на неделната прес-конференција.
Според министерството, активноста нема директно да навлезе во епиконтиненталниот појас на Турција, но ја нарушува поморската надлежност на Либија, објавена од Обединетите нации на 27 мај 2025 година.
„Ќе продолжиме да им ја даваме на либиските власти потребната поддршка за да преземат чекори против овие еднострани и нелегални активности на Грција“, нагласи турското министерство.
Во 2019 година, Турција и Либија потпишаа договор за границите во Средоземното Море, но Грција не го прифаќа, бидејќи го „игнорира“ Крит, кој се наоѓа помеѓу турскиот и либискиот брег.
Анкара и Атина со децении се расправаат за голем број прашања, првенствено за морските граници и правата во Егејското Море, област која се смета за богато наоѓалиште на енергенти и има стратешки импликации за воздухопловството и воените активности, забележува Ројтерс.
Декларацијата за пријателски односи од 2023 година ја омекна грчко-турската реторика, но многу прашања сè уште се отворени, и покрај декларативната подготвеност за нивно решавање.






