„Многу од нашите сега главни сојузници на Блискиот Исток и во регионите околу него, ми кажаа експлицитно и со голем ентузијазам дека, на мое барање, би биле среќни да влезат во Газа со моќна сила и да го „средат Хамас“ ако Хамас продолжи да се однесува лошо кршејќи го нашиот договор“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушл.
Тој додаде дека „љубовта и духот за Блискиот Исток не се видени вака илјада години“ и дека тоа е „прекрасно да се види“. „Им реков на тие земји и на Израел: „Сè уште не!“ Сè уште има надеж дека Хамас ќе го стори она што е правилно. Ако не, крајот на Хамас ќе биде брз, жесток и брутален“, рече Трамп.
Претседателот им се заблагодари на земјите за кои рече дека му понудиле помош, особено истакнувајќи ја „големата и моќна држава Индонезија и нејзиниот голем лидер“ за нивната поддршка за Блискиот Исток и САД.
Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето потпишано пред осум дена, со насилство и меѓусебни навреди поради темпото на враќање на телата на заложниците, доставувањето помош и отворањето на границите.
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, денес е во Израел и утре треба да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Израел соопшти дека разговорите ќе се фокусираат на безбедносните предизвици и политичките можности.
Се очекува разговорите да се фокусираат на планот на Трамп за прекин на огнот од 20 точки, кој ќе бара отстапување од сегашното, несигурно примирје кон многу потешки чекори, вклучително и разоружувањето на Хамас и чекорите кон создавање палестинска држава.
Посетата на Венс доаѓа откако Нетанјаху вчера разговараше со американските претставници Стивен Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и се совпаѓа со состанокот меѓу Хамас и посрдниците во Каиро.
Израел врши притисок да се обезбедат посилни гаранции за разоружување на Хамас, чекор на кој групата досега одбива да се обврзе, изјави извор запознаен со ова прашање.
Шефот на разузнавањето на Египет, клучен посредник за Газа, се сретна со Нетанјаху порано денес за да разговара за мировниот план и други прашања, соопшти Израел.
Нагласувајќи ја кршливоста на примирјето, Катар, еден од посредниците, го обвини Израел за „континуирано кршење“ на примирјето. Катар и Турција, која ја искористи својата улога за зајакнување на својата регионална позиција, беа клучни соговорници со Хамас.






