Трамп ја оправда својата одлука за привремено укинување на дел од санкциите врз руската нафта поради зголемувањето на глобалните цени. „Сакам светот да има нафта. Сакам и ние да ја имаме“, рече тој. Додаде дека санкциите, кои беа воведени по руската инвазија на Украина во 2022 година, „ќе бидат вратени штом ќе заврши кризата“.
Кога беше прашан за критиките од некои странски лидери за укинувањето на санкциите, Трамп не одговори директно, но го критикуваше украинскиот претседател. „Изненаден сум што Зеленски не сака договор. Кажете му на Зеленски да склучи договор затоа што Путин е подготвен да го стори тоа“, рече тој во телефонски разговор.
„Многу е потешко да се постигне договор со Зеленски“, додаде американскиот претседател.
Трамп исто така ја отфрли понудата од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој претходно овој месец понуди да им помогне на американските сили и сојузниците на Блискиот Исток во пресретнувањето на иранските дронови, нудејќи го искуството на украинската војска во соборувањето на руски дронови.
„Не ни треба помош“, рече Трамп, додавајќи дека „Зеленски е последната личност од која ни е потребна помош“.
Трамп одби да коментира дали САД ја прифатиле украинската помош во технологијата за пресретнување дронови.
Зеленски објави дека Украина веќе испратила експерти во три земји од Блискиот Исток. „Земјите од Блискиот Исток ни се обратија и нè замолија да го споделиме нашето искуство во пресретнувањето на иранските „шахед“ дронови за време на масовни напади. Затоа веќе испративме експертски тимови во три земји“, напиша тој.
По објавата, еден ирански политичар рече дека Украина станала „легитимна и законска цел“ за Иран бидејќи понудила да помогне во одбраната од ирански дронови.
Запрашан да коментира за извештаите дека Русија споделува разузнавачки информации за локацијата на американските сили со Иран, Трамп одговори: „Русите можеби споделуваат информации, а можеби и не“.
Тој додаде дека САД исто така „работат против нив“. „Ние ѝ даваме некои информации на Украина и се обидуваме да постигнеме мир меѓу двете нации“, заклучи тој.






