Контроверзната слика беше објавена на профилот на Трамп на Трут соушл во петокот. Не е познато дали ја објавил самиот Трамп или некој од неговите соработници. Сликата предизвика мешани реакции. Поранешниот италијански премиер Матео Ренци рече дека станува збор за „слика што ги навредува верниците, ги навредува институциите и покажува дека лидерот на глобалната десница ужива да биде кловн“.
Тимоти Долан, надбискупот на Њујорк кого Трамп го препорача за папа минатата недела, и Католичката конференција на државата Њујорк, исто така, изразија незадоволство.
Кога беше прашан за негативните реакции од католиците на сликата, Трамп одговори: „Не мислите на католиците, мислите на медиумите за лажни вести… Католиците ја сакаат (сликата)“.
Тој изјави дека не ја видел сликата, која исто така беше споделена на Икс преку официјалниот профил на Белата куќа, сè до неделата навечер. „Немам поим од каде дојде. Можеби беше вештачка интелигенција. Но, не знам ништо за тоа. Ја видов дури синоќа. Всушност, на жена ми ѝ се чинеше слатка. Рече, нели е убава?“ рече Трамп.
Откако минатата недела се пошегува дека би сакал да биде новиот папа, сега изјави дека таа позиција сепак не е во неговите планови. „Всушност, не ќе можев да се оженам. Колку што знам, папите не се големи обожаватели на свадби, нели? Не, колку што знаеме, не се“, нагласи тој.