Висок израелски функционер изјави за Ројтерс дека Хамнеи е мртов и дека неговото тело било пронајдено, додека други израелски претставници за медиумите рекoа дека постојат силни индикации оти врховниот водач не преживеал. Израелските медиуми дури тврдат дека на премиерот Бенјамин Нетанјаху му била презентирана документација за телото на Хамнеи, но независна потврда за тоа засега нема.
Од друга страна, Техеран остро ги отфрла овие тврдења. Иранското министерство за надворешни работи соопшти дека врховниот водач и претседателот Масуд Пезешкијан се живи и безбедни, оценувајќи ги информациите како дел од психолошка војна. Ирански претставници претходно изјавија дека Хамнеи бил преместен на безбедна локација уште пред нападите врз главниот град.
Дополнителна тежина на шпекулациите им даде американскиот претседател Доналд Трамп. Одговарајќи на прашања на новинари, тој рече дека не сака директно да потврди, но дека „кружат гласини“ и дека се зборува оти Хамнеи е убиен.
„Разговарав со многу луѓе и сигурни сме… сметаме дека таа приказна е точна“, изјави Трамп, додавајќи дека иранскиот лидер „уби многу луѓе“ и „уништи многу животи и семејства“.
Неизвесноста околу судбината на Хамнеи доаѓа во момент на најголема ескалација меѓу Израел и Иран во последните години. Нападите врз Техеран, насочени кон воени и стратегиски цели, се сметаат за една од најшироките операции против иранската држава досега. Иран возврати со ракетни напади и предупреди дека ќе продолжи со одмазда, што го зголемува ризикот од поширок регионален конфликт.
Доколку се потврди смртта на Хамнеи, последиците би можеле да бидат далекусежни. Врховниот водач има последен збор во сите клучни одлуки во Иран и претставува централна фигура во политичкиот и безбедносниот систем на земјата. Неговото исчезнување би можело да отвори борба за наследство, да ја разниша внатрешната стабилност и да предизвика нова геополитичка динамика на Блискиот Исток.
Во моментов, без официјална потврда од Иран или независни извори, судбината на иранскиот врховен водач останува една од најголемите непознаници во развојот на кризата.






