недела, 7 декември 2025

Трамп: Украинското „раководство“ не покажа благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува руска нафта

Американскиот претседател коментираше на социјалната мрежа Трут соушл додека високи функционери од Соединетите Американски Држави, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија во Женева разговараат за нацрт-планот на САД за прекин на војната во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Војната меѓу Русија и Украина е насилна и ужасна војна која со силно и вистинско американско и украинско ЛИДЕРСТВО, НИКОГАШ НЕМАШЕ ДА СЕ СЛУЧИ. Започна долго време пред да го преземам вториот мандат, за време на администрацијата на Заспаниот Џо Бајден, и само се влоши.

Доколку претседателските избори во 2020 година не беа НАМЕСТЕНИ И УКРАДЕНИ, единственото нешто во што радикалните леви демократи се добри, немаше да има војна меѓу Украина и Русија, бидејќи немаше никакво, дури ни спомнување, за време на мојот прв мандат. Путин никогаш немаше да нападне! Дури откако го виде Заспаниот Џо во акција, рече: „Сега е мојата шанса!“ Останатото е историја и така продолжува“, напиша Трамп.

„Наследив војна што никогаш не требаше да се случи, војна во која сите губат, особено милионите луѓе што загинаа толку непотребно. Украинското „раководство“ не изрази никаква благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.

САД продолжува да продава огромни количини оружје на НАТО, за дистрибуција во Украина (Расипаниот Џо го даде сето тоа, бесплатно, бесплатно, бесплатно). Бог да ги благослови сите животи изгубени во оваа човечка катастрофа“, додаде тој.

Трамп претходно потврди дека неговата администрација поставила рок до следниот четврток за Украина да се согласи со планот. „Имав многу рокови, но ако работите одат добро, има тенденција да се поместуваат роковите. Но, четврток е рокот“, рече тој во интервју за радио Фокс њуз.

Вчера изјави дека сегашниот мировен план не е конечен. На прашањето на новинарите пред Белата куќа дали планот од 28 точки е неговата последна понуда, Трамп беше јасен: „Не, ни блиску“.

„Би сакал да постигнеме мир, тоа требаше да се случи одамна. Војната на Украина со Русија никогаш не требаше да се случи. Да бев претседател, тоа никогаш немаше да се случи. Се обидуваме да ја завршиме. На еден или друг начин, мора да ја завршиме“, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ