понеделник, 8 декември 2025

Трамп: Средбата со Си беше неверојатна

Американскиот претседател Доналд Трамп, ја опиша денешната средба со кинескиот претседател Си Џинпинг како неверојатна, пофалувајќи го кинескиот лидер и неговото раководство. Зборувајќи со новинарите во авионот „Ер Форс Уан“, Трамп за средбата рече дека е голем успех и „ја оцени со 12 од 10“, истакнувајќи дека постигнале договор за голем број важни точки.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп објави дека САД и Кина постигнале неколку клучни договори. Одлуката за намалување на царините за кинески стоки што беа воведени поради протокот на хемикалии потребни за производство на фентанил ќе стапи на сила веднаш. Исто така, беше потврдено дека Кина, како што беше претходно најавено, ќе почне да купува големи количини соја, што Трамп особено го пофали.

Клучното прашање за трговијата со ретки метали, кое беше една од главните точки на спор меѓу двете земји, исто така беше решено. „Прашањето за ретките метали е решено, и тоа за целиот свет… Ова не беше само ситуација во САД“, рече Трамп, додавајќи: „Нема повеќе кинески блокади“. Детали за договорот не се објавени.

„Секоја земја – Јапонија, Јужна Кореја и многу други со кои се сретнавме таму – инвестираат огромни суми пари во Соединетите Држави, пари какви што никогаш порано не сме виделе“, рече Трамп, истакнувајќи дека тоа е историски успех.

Кога беше прашан за дополнителни кинески инвестиции, тој одговори дека кинеските претставници му честитале за неговите достигнувања. „Никогаш немало земја каде што толку многу пари се влеале за инвестиции, градежништво, автомобилски фабрики, вештачка интелигенција и друго“, рече тој, додавајќи дека немало споменување на конкретни нови кинески инвестиции.

Трамп и Си се согласија да работат заедно за решавање на конфликтот во Украина. „Украина – двајцата ќе работиме заедно. Се согласуваме дека страните се заглавени во борба и понекогаш, претпоставувам, мора да ги оставите да се борат. Но, ќе работиме заедно за Украина“, рече Трамп.

Најавени се и нови средби на високо ниво. Трамп потврди дека ќе ја посети Кина во април следната година, додека се очекува претседателот Си подоцна да пристигне во САД – можеби во Вашингтон или Палм Бич, Флорида.

Немаше време на ова патување да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун бидејќи беше „премногу зафатен“, рече Трамп, но додаде дека „можеби ќе се врати“.

„Имав одличен однос со Ким Џонг Ун. Да не бев избран… тој не ги сака многу луѓето освен мене. Мислам дека ќе имавте војна“, им рече тој на новинарите.

Северна Кореја испали крстосувачки ракети земја-воздух само неколку часа пред Трамп да слета во Јужна Кореја вчера.

Трамп потврди дека Тајван, самоуправен остров кој беше споменат како потенцијална пречка пред состанокот, „никогаш не беше споменат“ во разговорите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ