недела, 15 јуни 2025

Трамп се сретна со лидерот на Сирија, сака да даде „шанса за мир“

Американскиот претседател Доналд Трамп денес се сретна со сирискиот привремен претседател Ахмад ал-Шара, што е прва ваква средба меѓу лидерите на двете земји во последните 25 години.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Средбата, што се одржува на маргините на состанокот на Трамп со лидерите на Советот за соработка на земјите од Заливот во Саудиска Арабија, означува голема пресвртница за Сирија, која сè уште се опоравува од граѓанската војна и повеќе од 50 години строгото владеење од страна на семејството Асад.

Исто така е значајно со оглед на тоа што Ал-Шара, под воениот псевдоним Абу Мохамед ал-Голани, беше поврзан со Ал-Каеда и им се придружи на бунтовниците кои се бореа против американските сили во Ирак пред да влезе во сириската војна.

Трамп го најави состанокот вчера, велејќи дека САД ќе преземат и чекори за укинување на економските санкции врз Сирија.

Сирија е под американски санкции од 1979 година како „држава спонзор на тероризмот“ поради сириската воена окупација на Либан и државната поддршка на Хезболах.

Средбата се одржа зад затворени врати, а на новинарите не им беше дозволено да присуствуваат.

Белата куќа не соопшти кој друг бил на состанокот, ниту пак даде други детали за разговорот.

Трамп рече дека сака да ѝ даде на Сирија „шанса за мир“ под власта на Ал-Шара.

Ал-Шара беше назначен за привремен претседател на Сирија во јануари, еден месец по ненадејната и брза офанзива на бунтовничките групи што го соборија Башар ал-Асад.

Многу лидери на арапските земји од Заливот го поддржуваат и се обидуваат да го убедат Трамп да го следи нивниот пример, верувајќи дека тоа е бедем против враќањето на иранското влијание во Сирија.

Последен пат претседателите на двете земји се сретнаа во 2000 година во Женева – Хафез Асад и Бил Клинтон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ