Тој додаде дека ѝ наредил на американската морнарица да забрани премин низ Ормускиот теснец на бродовите што платиле патарина на Иран. „Никој што плаќа нелегална такса нема да има безбеден премин на отворено море.“
Исто така најави и отстранување на мини од теснецот: „Ќе започнеме со уништување на мините што ги поставиле Иранците.“
“Ако кој било Иранец пука кон нас или кон мирољубиви бродови, ќе биде РАЗНЕСЕН ДО ПЕКОЛОТ!”, порача Трамп.
Во истата објава, тој тврди дека Иран е веќе уништен: „Нивната морнарица ја нема, нивните воздухопловни сили ги нема, нивната воздушна одбрана и радари се бескорисни, Хамнеи и повеќето од нивните „лидери“ се мртви, сè поради нивната нуклеарна амбиција“.
„Блокадата ќе започне наскоро. И други земји ќе учествуваат во блокадата. На Иран нема да му биде дозволено да профитира од оваа нелегална УЦЕНА“, додаде тој.
Разговорите за прекин на огнот меѓу САД и Иран, што двете земји ги водеа во Пакистан, завршија синоќа без конкретно решение и одговор на прашањето што ќе се случи откако ќе истече првично договореното 14-дневно примирје.
Делегацијата на САД, предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс, тврди дека Техеран одбил да се обврзе дека нема да развива нуклеарно оружје.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека Техеран има „длабока недоверба“ кон оние што ја нападнаа неговата земја, додавајќи дека Иран е подготвен да возврати доколку повторно биде нападнат.






