сабота, 7 февруари 2026

Трамп потпиша извршна наредба за царини за земјите што соработуваат со Иран

Претседателот на САД Доналд Трамп во петокот потпиша извршна наредба со која се заканува дека ќе воведе царини за земјите што продолжуваат да тргуваат со Иран. Овој потег доаѓа во време кога високи американски и ирански претставници одржуваат разговори во Оман по неколкунеделните тензии и закани од двете страни, објави Би-би-си њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Наредбата не наведува царинска стапка, но како пример се наведува 25 проценти. Таа би се применувала на стоки увезени во САД од која било земја што „директно или индиректно купува, увезува или на друг начин набавува стоки или услуги од Иран“.

Трамп упати слична закана претходно оваа година на социјалната мрежа Трут соушл. На 12 јануари, тој напиша: „Одлуката стапува на сила веднаш. Секоја земја што соработува со Исламската Република Иран ќе плати царина од 25 проценти за сите деловни активности со Соединетите Американски Држави“. Во тоа време не беа објавени детали за тоа како царините ќе се применуваат во пракса.

Белата куќа соопшти дека најновата наредба ја потврдува „постоечката вонредна состојба на национално ниво во врска со Иран“ и забележа дека претседателот може да ја промени ако се променат околностите.

„Претседателот го смета Иран за одговорен за напорите за развој на нуклеарни капацитети, за поддршка на тероризмот, развој на балистички ракети и регионална дестабилизација што ја загрозува американската безбедност, сојузници и интереси“, се вели во соопштението.

Трамп не коментираше директно за наредбата, но во петокот вечерта од претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ ја повтори пораката до Иран: „Нема нуклеарно оружје“. Досега нема официјални реакции од Иран.

Разговорите што започнаа во петокот во Оман се првата директна средба меѓу американските и иранските претставници од минатиот јуни, кога САД бомбардираа три од главните нуклеарни објекти на Иран. Иранската делегација ја предводи министерот за надворешни работи, Абас Арагчи, додека САД ги претставуваат специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

Трамп им рече на новинарите дека разговорите во петокот биле „многу добри“ и дека „Иран изгледа многу заинтересиран да постигне договор“. „Доколку не се договорат, последиците ќе бидат многу сериозни“, предупреди претседателот, додавајќи дека нова средба ќе се одржи на почетокот на следната недела.

Министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди, кој посредува во преговорите, ги оцени разговорите како „корисни за разјаснување на американските и иранските позиции и за утврдување на областите на можен напредок“.

На социјалната мрежа Икс, Арагчи ги опиша досегашните разговори како „добар почеток“ во кои „преовладуваше позитивна атмосфера“. Тој изјави дека преговарачите се вратиле во своите главни градови на консултации.

Зголемените тензии меѓу САД и Иран ги поттикнаа стравувањата од избувнување на конфликт. Трамп во среда изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, треба да биде „многу загрижен“. Претседателот изјави дека е подготвен да го нападне Иран ако одбие да постигне договор за својата нуклеарна програма.

Од друга страна, Иран инсистира дека неговата нуклеарна програма е чисто мирољубива и постојано ги отфрла обвинувањата од САД и нивните сојузници дека се обидува да развие нуклеарно оружје. САД исто така значително го зголемија своето воено присуство во регионот, вклучително и она што Трамп го опишува како „огромна армада“, како одговор на насилното задушување на антивладините протести во Иран минатиот месец.

Организациите за човекови права тврдат дека илјадници луѓе биле убиени во задушувањето на протестите, но вистинскиот обем на крвопролевањето останува непознат поради ограничувањата на интернет што владата ги воведе на 8 јануари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ