петок, 19 декември 2025

Трамп постави нов рок за Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација ќе знае во рок од две недели дали ќе се постигне мир во Украина, предупредувајќи дека во спротивно ќе „заземе поинаков пристап“. Изјавата е најновата во низата рокови што Трамп ги постави за завршување на војната, но кои досега поминаа без конкретна акција, пишува Киев Индипендент.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Во рок од две недели ќе знаеме дали ќе има мир во Украина. После тоа, можеби ќе мора да заземе поинаков пристап“, рече Трамп. Неговиот коментар следеше по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, која се одржа само неколку дена откако Трамп се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, но без никаков напредок во преговорите.

Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл вчера напиша дека Украина не може да победи во војната без напади во Русија, обвинувајќи го поранешниот американски претседател Џо Бајден дека му дозволил на Киев само „да се брани, а не да возвраќа удар“.

Тој исто така тврдеше дека војната немаше да се случи тој да беше на власт, завршувајќи ја објавата со зборовите: „Интересни времиња се пред нас!“

Овие изјави значително се разликуваат од неговиот став во декември 2024 година, кога во интервју за списанието Тајм предупреди дека дозволувањето на Украина да користи американско оружје за напади длабоко во Русија би била „голема грешка“ што носи ризик од опасна ескалација.

Администрацијата на Џо Бајден одобри употреба на американски ракети со долг дострел АТАКМС за напади во Русија уште во 2024 година.

Украинскиот претседател Зеленски повика на решителна реакција од САД доколку Русија одбие понатамошни мировни преговори.

„Подготвени сме за билатерален состанок. Ако Русите не се, тогаш би сакале да видиме силен одговор од САД“, рече Зеленски, додавајќи дека побарал од Трамп да воведе дополнителни санкции врз Москва доколку одбие да седне на преговарачка маса со Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ