вторник, 30 декември 2025

Трамп: Не се согласуваме со израелскиот премиер за Западниот Брег, се согласуваме за Сирија

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека тој и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се согласуваат целосно за прашањето за Западниот Брег окупиран од Израел, при што републиканскиот лидер не објасни на што се однесува несогласувањето, но дека „имаат разбирање“ за Сирија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференцијата по средбата на Трамп со Нетанјаху во Флорида, во неговиот имот Мар-а-Лаго, американскиот претседател беше прашан дали има порака за Нетанјаху за Западниот Брег и дали е загрижен дека насилството на доселениците на Западниот Брег може да го поткопа мирот.

„Имавме долга дискусија, голема дискусија за Западниот Брег. И не би рекол дека се согласуваме за Западниот Брег 100 проценти, но ќе дојдеме до заклучок“, им рече Трамп на новинарите.

„Не сакам да го правам тоа, ќе биде објавено во соодветно време“, одговори тој кога беше прашан во што се состои несогласувањето меѓу нив. „Нетанјаху ќе го стори правилното“, додаде Трамп.

Израел е под зголемен меѓународен притисок да ги ограничи нападите на доселениците врз Палестинците на Западниот Брег. Обединетите нации, Палестинците и повеќето земји ги сметаат населбите за нелегални според меѓународното право, но Израел го оспорува ова, наведувајќи библиски врски со областа и безбедносни проблеми. Околу половина милион израелски доселеници живеат на Западниот Брег.

Високиот суд на Обединетите нации минатата година пресуди дека израелската окупација на палестинските територии и населби таму е нелегална и треба да се прекине.

Во врска со Сирија, Нетанјаху рече дека Израел сака да обезбеди мирна граница со соседната земја. „Во наш интерес е да имаме мирна граница со Сирија“, рече тој. Трамп рече дека САД и Израел имаат „разбирање во врска Сирија“. „Сигурен сум дека Израел и тој (сирискиот претседател Ахмед ал-Шара) ќе се сложуваат. Ќе се обидам да ги направам да се сложуваат“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ