понеделник, 16 март 2026

Трамп му се закани на НАТО (ВИДЕО)

Доналд Трамп упати остро предупредување до НАТО, велејќи дека алијансата се соочува со „многу лоша“ иднина ако американските сојузници не помогнат во деблокирањето на Ормускиот теснец.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју објавено во неделата, американскиот претседател директно ги повика европските земји да се приклучат на неговите воени напори во Иран и рече дека може да го одложи самитот со кинескиот претседател Си Џинпинг додека не ја добие помошта од Пекинг, објави Фајненшл тајмс.

„Едноставно е соодветно оние кои имаат корист од теснецот да помогнат да се осигура дека таму нема да се случи ништо лошо“, рече Трамп, истакнувајќи дека Европа и Кина, за разлика од САД, се во голема мера зависни од нафтата од Заливот. „Доколку нема одговор или ако е негативен, мислам дека тоа ќе биде многу лошо за иднината на НАТО“, додаде тој.

Коментарите на Трамп, дадени во осумминутен телефонски разговор, дојдоа еден ден откако тој ги повика Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Обединетото Кралство да се приклучат на „заедничките напори“ за отворање на клучниот поморски центар низ кој поминува една петтина од светската нафта.

Иран практично го затвори теснецот откако САД и Израел започнаа војна пред повеќе од две недели, предизвикувајќи страв од уште еден ценовен шок за глобалната економија. Американските обиди за деблокада во голема мера беа неуспешни, а меѓународните цени на нафтата достигнаа 106 долари за барел во неделата вечер, што е зголемување од околу 45 проценти од почетокот на војната.

И покрај предупредувањето, Трамп изрази песимизам дека сојузниците ќе ги послушаат неговите молби. „Имаме нешто што се вика НАТО“, рече Трамп, кој често ја критикува алијансата. „Бевме многу услужливи. Не мораше да им помагаме со Украина. Украина е илјадници милји од нас… Но, им помогнавме. Сега ќе видиме дали ќе ни помогнат тие на нас. Бидејќи долго време велам дека ние ќе бидеме тука за нив, но тие нема да бидат тука за нас. И не сум сигурен дека би биле.“

Запрашан да разјасни каква помош бара, Трамп одговори: „Што и да е потребно.“ Тој додаде дека сојузниците треба да испратат миноловци, од кои Европа има значително повеќе од САД.

Тој, исто така, побара „луѓе кои ќе елиминираат некои лоши актери по должината на иранскиот брег“, алудирајќи на потребата од европски командоси или друга воена помош за отстранување на Иранците кои создаваат „пречки“ во Заливот со беспилотни летала и морски мини.

„Ги напаѓаме многу силно“, рече Трамп. „Не им преостанува ништо друго освен да направат малку проблеми во Теснецот, но тие луѓе се корисници и треба да ни помогнат да го контролираме. Ние ќе им помогнеме. Но, и тие треба да бидат таму. Потребни се многу луѓе за да се внимаваат на малкумината.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ