Трамп рече дека САД и Венецуела добро соработуваат, додавајќи дека „големите нафтени“ компании ќе инвестираат најмалку 100 милијарди долари во Венецуела. Сепак, тој додаде дека сите танкери за нафта во Венецуела „ќе останат на своите места заради безбедност“.
Претседателот рече дека Венецуела ослободува голем број политички затвореници како знак на „потрагата по мир“. „Ова е многу важен и паметен гест. САД и Венецуела добро соработуваат, особено кога станува збор за обнова, во многу поголема, подобра и помодерна форма, на нивната нафтена и гасна инфраструктура“, рече Трамп на Трут соушл.
„Поради оваа соработка, го откажав претходно очекуваниот втор бран напади, што изгледа нема да биде потребен, но сите бродови ќе останат на своите места заради безбедност“, додаде во својата објава.
Коментарите на Трамп доаѓаат неколку часа откако тој во интервју за Фокс њуз посочи дека лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, ќе дојде во Вашингтон следната недела, откако претходно ја отфрли идејата да соработува со неа, велејќи дека „нема поддршка во земјата ниту почитување во земјата“.
Сепак, републиканскиот претседател во среда за Њујорк тајмс изјави дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада, предводена од вршителот на должноста привремен претседател Делси Родригез.
Секој трет Американец го одобрува нападот на САД врз Венецуела и соборувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, а 72 проценти се загрижени дека САД ќе се вмешаат премногу во земјата, покажа анкетата на Ипсос за Ројтерс претходно оваа недела.
Анкетата покажа дека 65 проценти од републиканците ја поддржуваат воената акција наредена од претседателот Доналд Трамп, во споредба со 11 проценти од демократите и 23 проценти од независните.
Американските сили го нападнаа Каракас пред зори во саботата и ги уапсија претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга. Тие беа однесени во Њујорк за да се соочат со обвиненија за наркотероризам.
Анкетата на Ипсос за Ројтерс спроведена во недела и понеделник покажа силна поддршка меѓу републиканците за надворешната политика што вклучува проширување на влијанието во соседните земји.
Околу 43 проценти од републиканците рекоа дека се согласуваат со изјавата: „Соединетите Американски Држави треба да водат политика на доминација на настаните во западната хемисфера“, во споредба со 19 проценти кои не се согласуваат. Останатите не беа сигурни или не одговорија на прашањето.
Анкетата, во која беа анкетирани 1.248 луѓе низ целата земја, покажа дека Трамп има одобрение од 42 проценти, највисоко од октомври и повеќе отколку во декември кога имаше поддршка од 39 проценти од испитаниците.
Анкетата е спроведена онлајн и има маргина на грешка од околу три процентни поени.






