„Врз основа на многу провокативните изјави на поранешниот руски претседател, Дмитриј Медведев, кој сега е заменик-претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација, наредив две нуклеарни подморници да бидат позиционирани во соодветни региони, во случај овие будалести и провокативни изјави да бидат повеќе од само реторика.
Зборовите се многу важни и често можат да доведат до несакани последици, се надевам дека ова нема да биде еден од тие случаи. Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање“, напиша Трамп на Трут соушл.
Пристигна првата реакција од Русија на ова соопштение на Трамп.
„Во светските океани има значително повеќе руски нуклеарни подморници отколку американски, и тие го имаат најмоќното оружје“, изјави за руската државна новинска агенција Тасс Виктор Водолацки прв заменик-претседател на Комитетот на Државната дума за прашања на Заедницата на независни држави, евроазиска интеграција и односи со сонародниците.
Тој додаде дека бродовите што американскиот претседател Доналд Трамп нареди да бидат пренасочени „во соодветните региони“ долго време се под контрола и дека на Русија не ѝ е потребен посебен одговор на изјавата на американскиот лидер за подморниците.
„Не може да има одговор од наша страна, бидејќи совршено добро разбираме кој е Доналд Трамп. Последните месеци покажаа дека тој го менува своето мислење 24 часа на ден“, рече Водолацки.






