На разговорите одржани во клубот на Трамп, Мар-а-Лаго во Палм Бич, беа истакнати напорите на официјална Братислава за зајакнување на односите со Соединетите Американски Држави (САД) и продолжување на словачката државна политика која често се разликува од главниот политички тек на Европската Унија (ЕУ), пренесува порталот Блумберг.
Состанокот следеше по потпишувањето на меѓувладин договор за соработка во нуклеарната енергија во петокот и сега се очекува да отвори формални преговори со „Вестингхаус Електрик Ко“.
Словачка планира да изгради реактор од 1.200 мегавати (MW) во државна сопственост, Фицо посочи дека договорот би можел да му биде доделен на „Вестингхаус“ уште следната година и да биде завршен околу 2040 година. Фицо изјави дека тој и Трамп разговарале за неколку меѓународни прашања, со посебен фокус на Украина, и повторија дека Словачка е посветена на мирно решение.
„Дипломатијата и меѓусебната комуникација мора да имаат предност пред воените решенија“, рече Фицо, кој, заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан, е критичар на политиките на ЕУ, вклучувајќи ја воената помош за Украина, амбициозните климатски цели и миграциската политика на блокот на ЕУ.
Фицо ја запре воената помош на Словачка за Киев во 2023 година, велејќи дека тоа „бесмислено ја продолжува војната“, што според него е кршење на меѓународното право, но и дека официјална Москва била испровоцирана на такви чекори од Западот.
Словачкиот премиер рече дека би го поздравил најскорото можно постигнување мир во Украина, дури и по цена на територијални отстапки од Киев.






