вторник, 30 декември 2025

Трамп го нарече шефот на Федералните резерви будала и му се закани дека ќе го отпушти

Доналд Трамп вчера започна нов вербален напад врз претседателот на Федералните резерви Џером Пауел нарекувајќи го „будала“ и уште еднаш најавувајќи дека би сакал да го отстрани. За време на прес-конференцијата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху Трамп исто така повтори лажни тврдења за трошоците за реновирање на седиштето на централната банка, објави Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Фалејќи се со одличната состојба на американската економија, Трамп додаде дека тоа е така „и покрај фактот дека имаме будала во Федералните резерви“.

„Мислам, Бајден повторно го назначи. Штета. Би помислиле дека нема да го стори тоа“, рече Трамп, не споменувајќи дека тој бил првиот што го назначил Пауел на позицијата во 2018 година.

„Но, тој е апсолутна будала“, продолжи претседателот, „кој гради нови Федерални резерви или ја реновира зградата“. Обраќајќи се кон Нетанјаху, Трамп повтори лажно тврдење што го изнесува со месеци.

„Биби, тој дојде до 4,1 милијарди долари за реновирање на неколку мали згради“, изјави Трамп, надувувајќи ја цената на реновирањата, како што самиот Пауел му разјасни пред камери ова лето, всушност изнесува 2,5 милијарди долари. „Тоа е највисоката цена во историјата на градежништвото“, додаде тој.

Тој ја спореди таа сума со цената на „величествена, грандиозна, прекрасна балска сала што земјата ја сакаше, што Белата куќа ја сакаше 150 години“, која тој ја гради на местото на срушеното Источно крило на Белата куќа. Тој потврди дека салата ќе чини „мал дел од таа сума“ и дека „прекрасни споменици се градат за многу помалку пари“.

„Значи, размислуваме да поднесеме тужба за груба некомпетентност, она што се нарекува тужба за груба некомпетентност, тоа е груба некомпетентност, против Пауел“, им рече претседателот на новинарите. „Би бил среќен да го отпуштам. Можеби сè уште можам“.

Зборувајќи за балската сала, Трамп прво рече: „Ние сме под буџетот и пред рокот“. Сепак, тој веднаш се поправи, признавајќи дека најновата проценка на трошоците од 400 милиони долари е двојно поголема од 200-те милиони долари што тврдеше дека ќе чини пред неколку месеци.

Тој го оправда зголемувањето на трошоците велејќи дека сфатиле дека „ќе ја одржиме инаугурацијата во таа зграда“, што барало поставување „на сите непробојни стакла“ и „кров без дронови, за да не можат дроновите да ги допрат“.

Се очекува Трамп да го именува наследникот на Пауел следната година. Кога новинар го праша кого разгледува за нов шеф на Федералните резерви, тој одговори дека планира да го објави својот избор некаде во јануари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ