„Без САД, НАТО нема вистинска сила! Тие не сакаа да учествуваат во борбата за да го спречат Иран да се стекне со нуклеарно оружје. Сега кога таа борба е добиена воено, со многу мал ризик за нив, тие се жалат на високите цени на нафтата што се принудени да ги плаќаат, но не сакаат да помогнат во отворањето на Ормускиот теснец“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.
Тој додаде дека отворањето на Ормускиот теснец е „едноставен воен маневар“ и ги обвини сојузниците за кукавичлук.
„КУКАВИЦИ, ќе го ЗАПАМЕТИМЕ тоа “, рече тој.
Изјавите на Трамп доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и европските сојузници поради војната во Иран и безбедноста на Ормускиот теснец, клучен поморски пат за глобалната трговија со нафта.
САД во последните денови се обидуваат да ја соберат меѓународната коалиција која би ја обезбедувала навигацијата низ теснецот, откако Иран се закани дека ќе го затвори и веќе презеде чекори што го нарушија сообраќајот. Сепак, неколку европски земји досега одбија да учествуваат во воена операција, изразувајќи загриженост за понатамошна ескалација на конфликтот.
Во исто време, Трамп тврди дека американската и израелската операција против Иран веќе ги постигнала клучните цели, вклучително и слабеење на воените капацитети на Иран, иако нападите сè уште се во тек. Нападите се насочени кон иранските ракетни системи, воените бази и енергетската инфраструктура, додека Иран возврати со ракетни напади врз цели поврзани со САД и неговите сојузници во регионот.






