понеделник, 13 април 2026

Трамп го нападна Лео XIV: Не сакам таков папа (ФОТО+ВИДЕО)

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го критикуваше папата Лео XIV, обвинувајќи го за „слабост во однос на криминалот“ и „лоша надворешна политика“.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Во објава на социјалната мрежа Трут соушл, Трамп изјави дека папата зборувал за „страв“ од неговата администрација, но не го споменал, како што рече, стравот што го имале христијанските организации за време на пандемијата на коронавирусот, кога, според неговите тврдења, свештеници и верски водачи биле уапсени за одржување верски служби.

Американскиот претседател, исто така, изјави дека не се согласува со наводните ставови на папата за Иран и нуклеарното оружје, како и со критиките за политиката на САД кон Венецуела.

Во објавата, тој нагласи дека не сака папа кој верува дека Иран треба да поседува нуклеарно оружје, ниту пак некој што ја осудува воената акција на САД против Венецуела.

Трамп додаде дека повеќе го почитува братот на папата, Луј, за кого рече дека го поддржува неговото политичко движење „МАГА“, и оцени дека изборот на Лео XIV за папа било изненадување и дека тој „не бил меѓу фаворитите“ за позицијата.

Тој, исто така, ги критикуваше контактите на папата со политички личности блиски до поранешниот американски претседател Барак Обама, вклучувајќи го и стратегот Дејвид Акселрод.

Трамп заклучи дека папата треба да се фокусира на својата верска улога и, како што изјави, „да биде голем папа, а не политичар“.

„Лео треба да се собере како папа, да користи здрав разум, да престане да се додворува на радикалната левица и да се фокусира на тоа да биде Големиот папа, а не политичар. Тоа многу му штети и, што е уште поважно, ѝ штети на Католичката црква“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ